ТВ 24 по петти пат од АВМУ бара дозвола за телевизиско емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, односно за национално емитување, наместо сегашното преку кабелски оператор. Оваа телевизија има четири негативни одговори, откако претходно АМВИ четири пати нарачаувала Студија за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување. За таа намена за четирите студии, Агенцијата платила близу 19.500 евра. На седницата на Советот на АВМУ на 21 февруари, нарачана е нова ваква Студија.
Добивањето на националната апликација ќе значи делење на рекламниот колач со останатите пет телевизии, кои заедно земаат две третини од буџетите за медиско рекламирање. Оттука е веројатно упорноста на ТВ 24.
Во меѓувреме, додека се изјани АВМУ потсетуваме на наодите и сомневањата за поврзаност, односно медиумска концетрација со фирмите на Роберт Димитров преку порано објавеното истражување „Балканска медиумска индустрија – Mакедонски ендемски вид“, објавено во април 2018 година. Ова истражување го објавуваме во повеќе делови:
24 Вести Чија си? На кого радости му носиш?
Втор дел
Пред Трајчевски е нов предизвик на самодокажување дека Агенцијата со која раководи се пресметала со остатоците на клиентилизмот во медиумите. ТВ 24 ВЕСТИ, се’ уште ја следи облак мистерија чија е.
Најчесто се споменуваше Вицето – братот на премиерот Зоран Заев. Се слушаше дека формално има мистериозен сопственик од Австрија, инаку штипски зет. Кој ја има ТВ 24 ВЕСТИ? Сефер Цановски или Жанжанина Стојанова, сестра на Роберт, која повремено влегувала во телевизијата или Роберт Димитров, кого ТВ 24 ВЕСТИ го следи во секој негов чекор.
Енигмата сама се реши, кога стигна слободата. Сестрата на Роберт Димитров, преку фирмата Роби инжинеринг, јавно побара да биде сопственик на ТВ 24 ВЕСТИ, зашто нема што да се крие (бидејќи сега нели, ние сме на власт). Речиси во исто време братот на премиерот, Вице Заев во интервју за „Фактор’ одрече дека има какви било врски со оваа телевизија.
– Јас имам пријателски односи со сопственикот на ТВ 24 ВЕСТИ и со кој заради моите и неговите работни обврски ретко се гледаме, изјави Заев во интервјуто за „Фактор“.
http://faktor.mk/intervju-vice-zaev-ni-oddaleku-ne-se-sporeduvam-so-likot-i-delata-na-sasho-mijalkov
Енигмата ја реши сестрата Жанжанина. Советот на АААВМУ на 35-тата седница одржана на 27.10.2017 година, го врати барањето за впишување на нов сопственик на ТВ 24 ВЕСТИ, поднесено од Роби инжинеринг и управителката Жанжанина Стојанова. При тоа, Стојанова прави кривично дело, лажна изјава пред нотар, со тоа што во документот тврди дека нема роднинска поврзаност. Според закон, секој сопственик и управител со барањето за добивање на дозвола за работа потпишува изјава со која со потпис гарантира дека не го прекршува Законот за ААВМУ, во делот на медиумска концентрација и нема судир на интереси.
Согласно Законот за ААВМУ основачот и Управителот даваат изјава ( како во примерот подолу) пред нотар дека немаат конфликт на интерс, не се поврзани лица и ја почитуваат глава IV, која се однесува на медиумска концентрација.
Давањето на лажна изјава и лажен исказ е кривично дело и претставува основ за одземање на лиценца.
Експертот за медиумска концентрација во ААВМУ, инаку туристички работник по образование, Магдалена Довлева Давидовска ќе бара од Матична служба за да се докаже дали Стојанова му е сестра на Роберт Димитров. Според законот носители на дозовола на електронски медиум, не можат да бидат поврзани лица и лица во сродство. Во случајов, се работи и за поврзани фирми од кабелскиот оператор и роднинска поврзаност на брат и сестра.
http://avmu.mk/wp-content/uploads/2017/11/Zapisnik-od-35-ta-sednica.pdf
Која е Магдалена Довлева Давидовска?
Раководителката на Секторот за стратешко планирање и авторски права во АААВМУ е со факултетско образование туристички работник. Иако по професија не е правник, Магдалена Довлева Давидовска е задолжена за правни толкувања во Агенцијата, особено кога треба да се протурка нечиј бизнис интерес. Довлева Давидовска има дипломирано на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Подоцна под менторство на Томе Груевски добива магистерска титула на комуниколог. Томе Груевски во тоа време беше член за Советот за Радиодифузија.
Со вакво образование ги решава сите правни прашања на Агенцијата, се’ по рецепт на директорот Трајчевски.
Зоран Трајчевски од претходниот вицепремиер Зоран Ставревски, издејствува рекордно креативен одговор на прашањето што е семејство.
Официјално чија си ТВ 24 ВЕСТИ ?
Кој е мистериозниот сопственик со кој „повремено се среќава Вицето“ (интервју на Заев во Фактор), а „кој никогаш не му понудил да стане сопственик на телевизијата“?
Официјално, во регистерот на ААВМУ, сопственик на ТВ 24 ВЕСТИ е Cable 24 (Цабле 24), со шифра на дејност претпријатие за учество во телекомуникации и телекомуникациски услуги, со адреса на АМ Винтерхафен 13 4020 Линц Австрија.
Основач на Cable 24 (Цабле 24) е ЈМ-Дата и Јирген Мајкснер.
Основач на ЈМ Дата – мајка фирма е Јирген Мајкснер и неговата сопруга, Весна Мајкснер, родена штипјанка, со адреса АМ Винтерхафен 13 4020 Линц Австрија и шифра на дејност претпријатие за учество во телекомуникации и телекомуникациски услуги.
Значи, основачот Јирегенс Мајкснер е штипски зет, чија сопруга Весна е сестра на поранешната советничка од СДСМ во Советот на Општината Штип, Галаба Вереса.
Австриецот има неколку фирми на негово име. Покрај споменатите две, Мајкснер е сопственик на уште една компанија за интернет услуги во Австрија, а има уште една компанија во Македонија. Тоа е компанијата за жичани телекомуникации „Аикол“. „ Аикол“ се води на иста адреса, „Ванчо Прќе“ 88 Штип, како и кабелската телевизија „Телекабел“, „Топ Инвест“, Радио „Енџелс ФМ’, „Роби Инжинеринг“ и други.
Да биде куриозитетот поголем Аикол се споменува во истражувањето на БИРН – Призма (линк) како трета на листата на десет најбогати компании со најголема добивка, но, без ниту еден вработен. Аикол е веднаш зад компанијата на сопственикот на Пелистерка, Дејан Панделески „Тимох“ и таа на Јордан Камчев – „Камчев консалтинг“.
Аикол имал годишна добивка од 543.740 евра.
Оваа компанијата е неколку години по ред во најуспешните 200 бизниси во Македонија, се’ до 2014 година, кога се припојува кон кабелската телевизија Роби ДООЕЛ, заедно со уште една компанија Мега НЕТ.
Во скромните податоци на нејзината интернет страницата, во делот за тоа која е компанијата, пишува дека настанала со спојувањето на двата партнери – Роби Телекабел и Аикол Телекомуникации од Австрија, чиј сопственик на штипскиот зет Мајкснер, чиј управител бил штипјанецот Драган Павлов.
Кабелската Роби ДООЕЛ чиј сопственик е Роберт Димитров, според тековната состојба од Централниот регистер, како и компанијата ““РОБИ ИНЖЕНЕРИНГ““, чиј управител е сестрата на Роберт Димитров, Жанжанина Стојанова имаат истато седиште како и Аикол, – „Ванчо Прке бр.88“, Штип.
Продолжува…